Рецензија од драматург

Писател кој умее да крикне и со шепот

Штета што пантомимата не се важи за презентација на нова книга. Сега ќе му се поклонев на авторот и ќе си отидев дома, на раат да му завидувам. Цел живот ми е криво што јас не сум го напишал „Хамлет“, а еве сега уште едно гајле.

Трет пат се наоѓам во ваква ситуација и повторно ги откривам истите реченици. Да се вреднува уметничко дело е аргатска и неизвесна работа. Да го правиш тоа за некој свој близок човек е невозможна мисија. Треба да лажеш, а да не те фатат.

За среќа, овој пат ќе одмориме.
Не мора да лажеме. Напротив.

Просторот и времето се мали за да го искажеме нашиот восхит.
Пред нас стои книга со високи етички и естетски вертикали.

Ретко кој успеал да пишува за историски лик и епска тема на ваков начин. Ова е роман со филмска структура. Документарното се доживува како уметничко, а уметничкото како документ.

Внатрешната, интимна драматургија го прави ова дело исклучително оригинално. После секоја реченица следи друга – како луциден афоризам.

Густината, прецизноста и богатството на стилот ги надминуваат и најславните гоблени. Фасцинира таа посветеност и ударничка работа на писателот. Особено неговата слобода, фантазија и љубов кон темата.

Зоран Спасов Ѕоф е еден од највредните и најталентираните луѓе што сум ги запознал во животот. А не живеам баш кратко.

Овој роман мора да влезе во лектира. Ги учи Македонците дека, освен делење, постои и математичката операција множење. Така сите ќе ја засакаат сопствената историја.

Да не претерувам?
Не претерувам. И не е случајно.

На крајот – нема крај.

Му посакувам уште многу романи и промоции.
И редовно да ме кани и мене.

Братислав Димитров, драматург

Scroll to Top