Книгата со наслов Гоце Делчев/Љубов и смрт на Зоран Спасов Ѕоф е негов трет роман и негова историско-политичка фикција која ги пробива рамките на историското и политичкото. Каде се поставени, а каде пробиени тие жанровски рамки?
Во романот Гоце Делчев Љубов и смрт, Зоран Спасов Ѕоф се поставени историски рамки кои го покриваат периодот на колективното и револуционерно, политичко и национално освестување и дејствување на македонскиот народ од почетокот на 20 век, па се протегаат сè до денешни дни, дваесеттите години на 21 век. Раскажувањето ги почитува, главно, тие хронолошки рамки на векот зад нас и на самиот почеток на новиот милениум кој е во тек и кој веројатно ќе биде запомнат повеќе по лошо одошто по добро за Македонците. Приказната се одвива, делумно, линеарно, хронолошки нагорно, делумно ретроактивно, правејќи раскажувачки амплитуди, битни за чувствената и идејната визија на авторот на повеќе од еден век, од раѓањето на Гоце Делчев до денес.
Но, како што историјата не тече сосема линеарно, не е совршена права ни вертикална линија, така ни романескната приказна не тече по рамна и вертикална линија. Таа ги пробива однапред зададените рамки на повеќе начини: во историската стварност уфрла елементи на фикција, така што и самиот автор во својот метафикциски коментар, на почетокот од романот, навестува дека намерата да напише историска фикција не е негова единствена, ни крајна цел: тој создал роман кој има својства на магиски реализам, на тој начин што го вметнува ликот на Палома – Гулабицата, Пикасовата „Colombe“, а преку нејзиниот лик го изразува архетипскиот идеал на секој народ, па и на македонскиот, идеалот за слободна и самостојна држава. Палома се јавува секогаш на крај, како глас на совеста и националната свест, како глас на патриотизмот и хероизмот, како љубов која не е профана, не е смртна, туку света и сеприсутна, како копнеж по мир Насловот „љубов и смрт“ е најблизок до оваа димензија на романот – да ја долови Македонија како Идеја која има магична моќ да буди и да обединува, да ги придвижува и да ги возвишува луѓето и нивните дела, да му дава смисла на постоењето и, конечно, да ја покаже разликата меѓу великаните и ситните души, меѓу јунаците и предавниците. Палома се јавува и како лик – раскажувач, во поглавјето „1 мај“ 1903 (с. 84-86). Таа зборува и во име на Гоце, и во име на авторот, и во име на народот, и во име на историската лекција. „Гоце не сака да биде мит“, вели таа. „Тој сака народ што ќе стои исправен и кога ќе го нема“. (с. 86)
Романот излегува од вообичаените рамки на раскажувањето и со тоа што внесува многу поетски елементи. Овој роман е лирски роман, наративна поема која лавира меѓу емоционалното и рационалното, меѓу меморијата и имагинацијата, меѓу фактот и митот. Македонската идеја е единствената раскажувачка константа на романот, која е толку љубовно преточена во приказна што плени и влијае врз читателот. А бидејќи верувам дека овој роман на Зоран Спасов Ѕоф ќе биде бестселер, значи сметам дека ќе изврши силно влијание во побудувањето патриотски чувства, чувства на љубов спрема сè она кое претставува синоним за Македонија. На извесен начин романот е отпор против смртта на идејата за Македонија, а современ промотор на љубовта спрема таа идеја, љубов која има моќ да ја претвори идејата во стварност.
Во тој контекст, овој роман потсетува дека тој пат кон стварноста е натопен со крв, но и со соништа за коишто вреди да се напише роман, но и да се посвети дел од животот. Таков е патот на светлината, различен од беспатието на темнината. Човекот треба да се издигне над основните инстинкти, да се ослободи од мрачните страсти, и да се просветли. Тоа се трите начела кои го прават светот да биде хуман, а на животот му даваат смисла. Затоа романот на Зоран Спасов Ѕоф е манифест на македонството сега и тука, а не само колаж од историски ликови и настани кои сведочат за успонот и падот на македонството во поновата национална историја.
Првото поглавје на овој роман е како преамбула која се пишува за да сведочи од овде до вечноста. Што и да се промени во стварноста, не треба да влијае на основната идеја водилка искажана во преамбулата како вистина, и симболична, и митска, и историска. Во тоа поглавје е опишан патот на земните остатоци на надземниот јунак од неговото погубување во близина на селото Баница, преку Софија, до Скопје, како што било кажано во неговиот завет. Македонија е Дом достоен за покој на душата на херојот, но и за поттик на љубов кај живите, онаа љубов која ги менува нештата на подобро.
Второто поглавје нè враќа зимата 1872 година, во Кукуш, кога се раѓа човекот кој се претвори во легенда и се впиша во новата македонска митологија: Гоце Делчев. Гоце, меѓу народот, Георги, според крштелното и верата. Со неверојатна смисла за поетизирани максими, за мудрости со лирски призвук, раскажувачот на романот Љубов и смрт на Зоран Спасов Ѕоф, лапидарно и алузивно го опишува денот на раѓањето и крштевањето на Гоце како ден кога „историјата – се разбуди“ (Спасов, 2026, с. 35).
Таа склоност кон поетски искажани мудрости е најемотивната особеност на романескниот говор на овој автор. Со поетските максими и коментари кои провејуваат насекаде во раскажувачкото тело на романот, како тетоважи, овој роман ја потврдува, по трет пат, својата внатрешна потреба да се искаже поетски, ритмично, низ поенти и пресврти.
Ќе наведам само некои поенти: „Историјата, учителе, никогаш не почнала со дозвола. Секогаш со инает.“ (с. 61) „Пет и пол века навика да се преживува, а не да се живее“ (с. 64) „Прво човек, потоа народ.“ (с. 65, 70) „Нема крај, има пат“ (с. 71). „Војводо, кога ќе ја видиме слободата? – Кога ќе престанеме да се плашиме.“ (с. 78) „Гоце не сака да биде мит… Тој сака народ што ќе стои исправен и кога ќе го нема.“ (с. 86) „Револуција што започнува со чистки, заврпшува на гробишта.“ (с. 94)… „Илинден беше доказ дека постоиме … Но и доказ дека сме сами. И дека таа самотија ќе биде искористена.“ (с. 125) „Никогаш повеќе да не влегуваме во историјата како пример, туку како фактор“ (с. 126) „Палома ќе слета кога плачот ќе престане да биде говор, а ќе стане одлука.“ (с. 129) Или: „Револуцијата не е омраза, туку љубов кон човекот и кон земјата“ (с. 131) „Колкав компромис може да издржи една вистина пред да престане да биде вистина?“ (с. 146), и др.
Ако треба да се дефинира поетиката на неговото романескно дело, тогаш е неопходно да се истакне дека Зоран Спасов Ѕоф е раскажувач – поет и мистификатор повеќе одошто историчар-наратор. Неговиот трет роман е не толку носталгија по убавото минато, колку критичко евоцирање и толкување на македонската понова историја. Тоа толкување не е дадено во облик на европски сувопарен извештај, туку во форма на оживеани историски секвенци поврзани со еден идеал, македонскиот, потпишан од Гоце Делчев.
Ѕоф е неверојатен македонски романсиер кој се појави како вулкан во македонската книжевност, а се испишува веќе неколку години како потсетник на националните и цивилизациските вредности и како персонификатор на носталгијата по убавите времиња што ги памтат генерациите родени пред и по Втората светска војна. Се работи за носталгијата по македонските хероини и херои какви што се Сирма Војвода и Гоце Делчев, како и личноста на Јосип Броз, видени сите низ призма на епохата што ја обележале и која и нас нè обележала.
Ова што го добивме како трет роман на Ѕоф е новелистичка епопеја на историски фрагменти и фикционални евокации на македонскиот ‘од по маките’. Во него се опфатени судбинските чекори на Гоце Делчев, Даме Груев, Питу Гули, Ѓорче Петров, Јане Сандански, Димо Хаџи Димов, Павел Шатев, Јустинијана Каневчева, Ацо Караманов, Кочо Рацин, Методија Ченто, Михајло Апостолски, Георги Димитров, Јосип Броз, Тодор Чепреганов… Тој судбински ‘од по маките’ е парабола на освојувањето на слободата и потсетник дека над неа лебди заканата од загубата на слободата. Во таа драматична ситуација, слободата е синоним за македонската државност: ако се изгуби државноста, ќе се изгуби слободата. Таа загуба била и ќе биде извор на страдања, затоа напросто не треба да се случи.
Опевајќи ја Гоцевата идеја за обединета и автономна Македонија, овој роман на Зоран Спасов Ѕоф го демонтира и македонскиот синдром на самоуништување. Тој синдром се огледа во спротивставеноста меѓу родољубието, од една страна, и слугувањето на туѓите каузи, од друга; меѓу херојската пожртвуваност и платеничкото предавништво. Македонската идеја е сакрализиран лајтмотив на романот, наспроти синдромот кој е демистифициран, па авторот не се снебива да го препознае по име и презиме.
Овој роман раскажува една елегична, искрена до болка и емотивна до солзи историска и магична приказна за македонските внатрешни делби и конфликти кои стоеле и сè уште стојат на патот на слободата и државноста. Тој ја сугерира суптилно, па сепак доволно јасно, идејата дека – македонскиот идентитет е прашање на чест и достоинство, дека нема слобода сè додека има внатремакедонски предавства и ликвидации. Единството го прави народот, па државата. Тоа е идеја и идеал која ги поврзува луѓето во нешто кое се нарекува народ и се издигнува во нација втемелена врз љубов: од љубов спрема поднебјето и земјата, до љубов спрема името, јазикот и културата.
Љубовта ги чини нештата да бидат неделливи и ослободени од баналноста на постоењето. Сè додека живеат идеалите, ќе живее и идејата за Македонија. Низ таа призма погледнат, романот Љубов и смрт/Гоце Делчев е опевање на бесмртноста на идеалите и на Македонија како идеал за којшто вреди да се посвети животот. Таквите идеали пишуваат романи кои ќе бидат не само читани од широката публика, туку и љубени, без пардон, безусловно.
Катица Ќулавкова
Саем на книги, Скопје
23 април 2026