Рецензија од историчар

Несомнено е дека во своето долгогодишно историско опстојување македонскиот народ создал дела што претставуваат дел од колективната свест и се неисцрпен извор на македонската уметност, книжевност, поезија, филмска уметност и култура воопшто. Од мноштвото историски настани, филтерот на меморијата го отфрла она што не сакаме да го запаметиме, а го задржува токму она што како заедница, како општество и како нација нè обликува во тоа што сме — Македонци.

Токму во овој контекст треба да се согледува односот меѓу историјата и уметноста. Историските настани и личности претставуваат непресушен извор за уметничката инспирација во Македонија. За разлика од историографијата, која го толкува минатото пред сè низ политичка призма, уметноста — а особено литературата — му дава подлабоко, духовно и естетско значење. Во литературата авторите имаат можност да навлезат зад фактите и да понудат сопствена интерпретација на настаните и личностите, при што пораките стануваат посугестивни, поавтентични и поисполнети со човечка емоција.

Во овој контекст се вбројува и Зоран Спасов – Ѕоф, кој по „И јас сум Сирма“ и „Тито – мојот претпоследен херој“, со својата трета книга со историска тематика — „Гоце Делчев: Љубов и Смрт“ — повторно се пројавува како автор со препознатлив стил и авторски ракопис. Неговите романи не се класични историски романи, туку претставуваат спој на историско-документарна, мемоарска и есеистичка проза со елементи на хроника и уметничка интерпретација. Тоа се дела со прецизна историска фактографија, обработена низ силен литературен израз.

Во прозата на Спасов „времето“ е релативна категорија. Тој се движи низ историјата со своите јунаци, воспоставува дијалог со нив, поставува прашања што во историографијата се недоречени, контроверзни или останале без одговор. Со својот стил ги „оживува“ историските личности, влегува во расправа со нив, бара одговори и им дава глас во современ контекст.

Во овој роман централна фигура е Делчев — не само како револуционер, туку и како човек, мислител, архетип и симбол. Неговиот живот од раѓањето до смртта е обработен како голема наративна целина во која историските личности комуницираат меѓу себе, а историјата на Македонија се движи како калеидоскоп на судбини, идеали, предавства и пожртвуваност.

Авторот не калкулира со личностите — сите се тука: и хероите и предавниците, и револуционерите и политичарите, и учесниците во револуционерното движење и во Народноослободителната борба. Се прави широка историска ретроспектива од 1872 до 1945 година, во која се вклучени личности како Ѓорче Петров, Јане Сандански, Димо Хаџи Димов, Павел Шатев, Венко Марковски, Михаило Апостолски, Кузман Јосифовски Питу, Кочо Рацин, Никола Вапцаров и други.

Гоце Делчев во книгата е прикажан како учител без училница — фигура што не подучува преку догма, туку преку сомнеж, критичко преиспитување и лична одговорност. Тој не останува затворен во 1903 година во Баница, туку како симбол и идеја е присутен во сите фази од македонската историска драма до 1945 година.

Како искусен автор и добар познавач на историјата, Sоф успева да ги доближи и оживее личностите и настаните што се темел на македонското историско паметење. Формално книгата се движи во рамките на строга историска хронологија, но таа постојано се прекршува низ субјективниот авторски филтер. Реалните историски настани и личности се преплетуваат со уметничката имагинација, при што историјата престанува да биде само збир од факти и се претвора во простор на внатрешни состојби, морални дилеми и егзистенцијални прашања.

Токму таа наративна моќ најјасно се чувствува во дијалозите, во кои историјата проговорува со глас што звучи болно современо:

— Востанието не беше грешка — рече конечно.

— Грешка беше што верувавме дека некој ќе нè спаси затоа што сме во право.

— Сега Македонија ќе биде делена — не затоа што е слаба, туку затоа што другите се силни, а таа е сама.

Со истата јасност и морална острина авторот ја формулира и својата дијагноза за македонската историска драма:

— Јас градев одвнатре. Слободата без темел паѓа.

— Најголемиот душман е Македонецот што ѝ служи на туѓа кауза.

Авторот навлегува во психолошката и моралната внатрешност на историските личности, прикажувајќи ги како луѓе со сопствени мотиви, страсти, ставови и стравови. Токму тука се гледа мајсторството на Sоф — во неговата способност да се соживее со времето и со ликовите за кои пишува, правејќи ги живи и уверливи.

Затоа книгата се чита во еден здив, без запирки и точки, и отвора многу суштински прашања за македонската историја, идентитет и судбина. Дали тие одговори се плод на авторска интерпретација или одраз на историска вистина — останува на читателите сами да откријат.

12.01.2026

проф. д-р Тодор Чепреганов

Scroll to Top