Од дневникот на една читателка

Монти Пајтон, Алан Форд, Данте, Чинго, Sоф…

Да напишеш ваков роман фикција, фузија од историски факти и митови, среќа и горчина, реалност и фантазија, треба да си начитан, наслушан, нагледан, нашетан и наигран. Да си доообар играч на полето (терен) на културата. Не мора да си најаден и напиен, затоа што испишаните страници се храна и вино. Дегустаторите на романот „И јас сум Сирма” ќе имаат сервирана богата трпеза на пикантерии од далечното минато, поблиското минато и блиската иднина, без да почувствуваат дека се во сегашноста, качени на временската машина а’ла автобусот од филмот „Ко то тамо пева”. Некои ќе ждригнат од прејаденост, а на други ќе им кркорат цревата од глад, по уште една ваква раскошна книжевна гозба, со историски залаци од 576, преку 1856, па сѐ до 2043 година и приемот во ЕУ кој ќе трае цели 58 минути!

На префинетите книгољупци може ќе им пречат скопскиот сленг и вулгаризми, но и тие се оправдани во име на уметноста, патем и метафора на вулгарното секојдневие. Британскиот хумор на Монти Пајтон, кој што бара широка култура за да го разберете; иронијата на Алан Форд, која што бара интелект за препознавање инверзија; храброста на Данте Алигиери, кој што ги става во Пеколот, со име и презиме, властодршците и свештениците кои можеле да го спалат на клада како свеќа; луцидноста на нашиот Живко Чинго, кој што со „Големата вода” ја напиша големата вистина за големите заблуди на комунизмот и сталинизмот во повоениот период, кога се одело на Голи Оток, ќе ги препознавате низ страниците на овој катарзичен роман, полн, преполн со љубов кон Македонија и презир кон нејзините уништувачи, минати и сегашни.

И џабе живиш у Скопје ако не дојдеш на промоцијата на овој интригантен роман во приказни, за големи деца, за да ѝ се доближиш на Сирма, главниот лик, симбол на нашата убава Македонија.

Татјана Алексиќ

Scroll to Top