Рецензија од книжевен научник

Прозната книга „Љубов и смрт“ на Зоран Спасов – Ѕоф, иако од стартот има јасно определен фокус врз историскиот лик на македонскиот револуционер-илинденец Гоце Делчев, всушност претставува своевидно книжевно соочување со она што македонскиот народ го има втиснато во својата идентитетска мапа како трагика на историјата исполнета со „црнилата“ на предавствата, на прерано згаснатите скапоцени животи, на ненадоместливите жртви положени во името на идеалите. Низ нејзините страници се нижат погубувањата на значајни македонски револуционери, и илинденци, и партизани, и борци, и интелектуалци, најчесто предизвикани од блиска предавничка рака и збиднати во зенитот на нивните животни патеки. Во градењето на прозното ткиво авторот внимателно и совесно се служи со историската фактографија, истакнувајќи ги уредно основните податоци за бројните имиња што ги спомнува. На тој начин, неговото писмо добива една денес насушно потребна функција, а тоа е популаризација на историските вистини меѓу пошироката читателска публика во Македонија.

Историската подлога се комбинира со симболична фантазија за птицата и летот на слободата, преку која се универзализира интимната и националната потрага по оствареност и среќа, а над сите нив се возвишува врвната максима на љубовта. Пишувајќи за трагичните погубувања на славните Македонци, авторот всушност ја потенцира нивната неизмерна љубов, која и покрај насилните прекини на нивните животи, останува да сјае, да инспирира и да ги предводи генерациите што доаѓаат.

Загледан во минатото, тој прави обид книжевно да ги овоплоти и осмисли историските личности за кои, за жал, во нашата литература е многу малку пишувано. Врз основа на скромниот фактографски фонд, тој успева да вообличи жива визија за обичните човечки особини на легендарниот лик на Гоце Делчев и со тоа да го доближи до читателите од поновите генерации.

Но, она што е уште поважно е што тој не останува само во минатото, туку меѓу историските ликови испреплетува и ликови чии прототипови се реални, живи личности од нашето секојдневие, како што е историчарот Тодор Чепреганов-Тоше и како што е, конечно, и самиот тој – Зоран Спасов-Ѕоф. Преку тој гест го воспоставува неопходниот линк со актуелната стварност. Еден од најтопло искажаните пасажи во текстот, воедно и најинтимен, е делот-посвета во која авторот му се обраќа на сопствениот син. Тоа обраќање го врти погледот кон иднината и ја сублумира идејната вибрација на текстот како аманет за љубов и чест и како повик за неизвалкан патриотизам во животните избори.

Прозниот колаж на Спасов е прилог кон националната културно-историска меморија, но и рефлекс на современата драматична општествено-политичка ситуација во која се наоѓа Македонија, во која повторно, како многу пати низ историјата, пред секој поединец е поставен предизвикот да опстои во својата патриотска доследност пред сите тешкотии и пречки што му се испречуваат на патот. Книгата на Ѕоф е проглас за што повеќе љубов, а што помалку смрт на тој пат!

Соња Стојменска-Елзесер

Скопје, 08.07.2026

 

 

Scroll to Top