„Не ја барај славата, барај ја вистината. Ако ја нема – создади ја!“
Е па, и овој наш Гоце Спасов – Ѕоф ни создаде вистина.
И кога читаш фикција, ја прифаќаш како чиста вистина, затоа што е пишувана со многу љубов – со разумна љубов.
„Кога ќе ја преземеш вината врз себе, а ја немаш, правиш колосален чин, затоа што предавството не смее да помине без име. Правдата не е безболна – неопходна е.“
Зоран Спасов – Ѕоф, виновен си!
Историјата на литературата ќе ти суди со векови!
„Верата не е прашање на очите, туку на избор – како да се преживее без да се предаде. Мирот не е тишина, туку љубов што преживеала болка.“
Откако ќе ја прочитате книгата, ќе замолчите – не затоа што нема што да кажете, туку затоа што ќе онемите од љубов што преживеала болка.
Ѕоф како да ги извлекува меѓуредовите од веќе испишаната историја, ги облагородува фактите и сензибилно ги спојува аргументите од минатото со сегашноста и иднината.
Читаш, чиниш го гледаш филмот „Враќање во иднината“.
Ова е роман што те чита додека го читаш, те скенира, те тера на самоанализа и себепреиспитување – до каде си со себе, со спознанието за сопствениот идентитет, родољубието и родината, разнебитувани низ историјата, а тука шармантно сублимирани во 205 хиперактивни страници.
Роман-љубомер. Роман-чувствомер. Роман-човекотестатор. Роман-хоморитам.
Роман што не те остава ни кога ќе го прочиташ, затоа што ти ги отвора сите можни перспективи и те тера да се запрашаш: дали навистина знаеме нешто за Гоце Делчев, за љубовта и смртта?
За сите оние кои ја бараат Македонија – не на картата, туку во срцата.
Татјана Алексиќ