„Лирика на епското: митопоетскиот свет на еден современ роман“
Во последните неколку години, творештвото на Зоран Спасов-Ѕоф може да се чита како авторски дијалог со некои од најмаркантните личности од македонската и пошироката балканска историја. Неговиот најнов роман се наметнува како обид за реконструкција на колективното сеќавање, но и како симболично враќање на „местото на злосторството“.
Уште веднаш, во впечатливиот почеток на романот, авторот нѐ води низ граничен простор меѓу животот и смртта, каде што реалното и метафизичкото се преплетуваат. Просторот добива речиси митска димензија, обликуван со изразена поетска сликовитост. Ликот на Гоце е претставен со нагласен идеализам, како епски јунак чиј подвиг се издигнува до рамниште на врвно херојство. Ваквиот пристап ја доближува нарацијата до традиционалното усно раскажување, што се покажува како соодветен избор со оглед на чувствителноста на темата и нејзиното длабоко вкоренување во колективниот идентитет.
Особено интригантни се симболичките слоеви во романот. Мотивот на белата гулабица се јавува како повеќезначен знак – во христијанската традиција таа асоцира на Светиот Дух, додека во народните верувања се смета за света птица што не смее да се повреди. Во поширок контекст, гулабот е и универзален симбол на мирот. Преку овој мотив, авторот воспоставува едно двојно движење – на духот и на телото – кое се одвива низ повеќе географски и симболички простори.
Романот функционира како мозаик од различни наративни слоеви – историја, традиција и фикција, споени во една алтернативна визија на минатото. Ова „сезнајно“ раскажување, како да произлегува од колективното искуство на народот, ја прави нарацијата истовремено блиска и разбирлива.
Посебната вредност на делото се огледа во неговата способност да ја спои наративната напнатост со лирската нијансираност. Текстот поседува квалитети што го доближуваат до третман за филмско сценарио, додека јазикот е густ, метафоричен и поетски интониран. Преку таквиот израз, фиктивната реконструкција се издигнува до рамниште на мит.
Овој роман може да се чита како современа епопеја, обликувана во духот на народната епска традиција, но истовремено и како постмодернистички текст отворен за нови интерпретации. Токму во таа отвореност и во можноста за повторно читање лежи неговата современост и трајна вредност.
Сузана Мицева