Рецензија од другар

Од Гоце за Гоце

Гоце Делчев во македонската историја е еден од најсветлите симболи на национална свест, револуционерна мисла и морална непоколебливост. Тој не е само историска фигура, туку идеја — олицетворение на стремежот кон слобода, правда и достоинство.

Делчев не се појавува како случаен херој на времето, туку како свесен творец на револуционерниот пат. Тој е „амалгамот” на генерациите пред и по него — скелетот врз кој се гради ткивото на македонскиот идентитет и борбата за национална свест и слобода. Слобода не како моментален чин, туку како долготраен процес на просветување и организирање.

Неговата визија е револуцијата да биде народно движење, а не лична амбиција. Делчев не се стреми кон слава, туку кон идеал.

Делото на Гоце Делчев е темел на македонската национална самосвест, но и порака дека слободата не се добива само со меч, туку со ум, со дух и со љубов кон народот.

Гоце Делчев е најсилниот мемориски запис на сите Македонци кои живеат во географска Македонија и надвор од неа. Тој продолжува да живее како морален компас на една историја што сè уште ја бара својата правда.

 

Од Гоце за Ѕоф

Со Ѕоф се знаеме долго време и добро го познавам неговиот дух, смислата за хумор и поривот кон литературниот збор.

Тој е лесно препознатлив по своите дела како „градска фаца“ што пишува на скопски дијалект. Ѕоф е една од последните урбани легенди што се обидуваат да остават мемориски запис за едно уникатно и неповторливо време од нашето живеење. Неговата читаност и продадениот тираж се доказ дека успешно ја остварува таа мисија.

Но, во својата последна книга „Љубов и смрт“, Ѕоф прави значаен стилски пресврт во своето пишување.

А како успева во тоа?

Да се пишува за Гоце Делчев е чин на голема храброст и одговорност, затоа што се пишува за „најголемиот од големите“ во македонската историја. Со силна емоционална проникливост и изразено чувство за драматиката на историските судбини, Ѕоф успева да ги прикаже историските ликови не само како симболи на борба за идеал, туку и како луѓе — со силни чувства, сомнежи и внатрешни конфликти. Токму тоа им дава човечка димензија и блискост.

И не само тоа: низ историската точност на настаните и преку фиктивниот лик на Палома, авторот нè води низ емоционален „ролеркостер“ во кој читателот не може да остане рамнодушен.

По 123 години од смртта на Гоце Делчев, од печат излегува „Љубов и смрт“ – книга што се чита во еден миг и остава без здив.

Во овој роман вистински ја почувствував големата енергија и зрелост во пишувањето на Ѕоф. Оваа приказна не е случајна и повлекува со себе уште многу ненапишани страници.

08.02.2026

Гоце Дојчиновски

Scroll to Top